Monday, January 31, 2011

с.Шлегово, Кратовско


Во блиска околина на Шлегово има многу траги од ископувања во старите јами - кои биле активни дури од античко време. Во јамите се пронајдени многу артефакти, меѓу кои и фигурина на богот на рударите Херакле - заедно со рудар кој го поздравува со римски поздрав. Во тие јами има верувања дека до ден денешен постојат скриени големи количини на злато. Името на Шлегово скоро сите го врзуваат со старите Шлези кои се тука дојдени да ја експлоатираат богата руда (олово, цинк и благородни метали, особено злато и сребро). Тие формирале своја колонија. Можеби затоа Шлегово и не личи на типично македонско село. За Шлегово се врзува една интересна приказна.  Имено поради свои причини Шлеговчани - измислиле свој специфичен јазик Шлеговски, таканаречен мајсторски говор - говор на многуте занаетчии: Фурнаџии, Налбати (луѓе што подковуваат коњи и други говеда), Ковачи, Шивачи, Качари, Корпари, Самарџии, Влачари, Месари, Киради (превозници на стока со коњи, мазги - кои со по триесетина товара често оделе за Солун и Ќустендил - набавувајки газија и други потреби за Кратово и околината). Значи со испревртени зборови се разбирале само тие меѓу себе (анаграмски начин на говор). Во поново време овој говор служи за мајтап со оние кои не го разбираат ...Шлегово е познато и по фурнаџискиот занает, тие месат, специфичен леб кој може да стои свеж со денови, а има и убав вкус и мирис. Секое шлеговско семејство во дворот има специјална фурна за леб која служела и за печења на прасиња. Секој двор има и лозница, бунар а често и кладенец - извор на питка вода, броен добиток во шталите и особено многу кози - кои се специфика за Шлегово. Шлегочани особено добро имаат усовршено правење на вино и домашна ракија од своите лозници. Некoјпат во Шлегово имало и централна фурна која денеска не постои.

Шлегово ја краси прекрасна црква посветена на Пресвета Богородица која се наоѓа насред село, градена 1861 г., веројатно на основи на некоја постара црква. Црквата однадвор прекрасно изгледа, белег од надвор даваат убавите гравури на животни кои се наоѓаат на надворешните зидини, има некоја симболика во нив. Пред некоја година реобновен е тремот и оградата на Црквата.

За Црквата има мала приказна за клучот со кој се одклучува црквата ... Имено тој е правен од вистински мајстор на клучарскиот занает, украсен со прекрасно ланче. Постои верување дека тој што прв ја отвара црквата со овој клуч - клучот му носи среќа. Црквата е најмногу посетена во неделите кога доаѓаат и кратовчани. Тогаш уште во рани зори доаѓаат трагачите на среќа и бараат тие да бидат за тој ден - тие што ке ја отклучат црквата, за да клучот овојпат нив им донесе среќа ...


Особена убавина дава Камбанаријата, прекрасно архитектонски вклопена  во самата Црква и околината со старите селски куќи, кои заличуваат на кратовската школа на градење на куќите. Камбанаријата е градена неколку години по завршувањето на Црквата собирани се доброволни прилози од целото село, некој давал пари, некој злато, секој кој што имал. Звоното е донесено од Серес Егејска Македонија. Звоното било обложено со златни букви кои “ги снемало“ во текот на втората светска војна. Но и ден денеска Шлегово ечи од звонењето на звоното кое има продорен глас и се слуша на многу далеку ... Внатрешноста на црквата е иконописана. Особено е интересен фактот дека тука се наоѓаат неколку уникатни фрески сликани на кожа кои се донесени од блискиот Манастир во месноста Здравче Камен. Внимание предизвикува едно живописано платно кое служело некојпат за Процесија. Шлегово има уште една црква во склоп на селските гробишта “Свети Никола“, но на оваа, “Пресветла Богородица“ - Шлеговчани се посебно горди ...

Како до Шлегово?  Од Скопје до Кратово имате 96 км.,  а од Кратово до Шлегово уште неполни 5 км. Покрај патот во близината на Осоговските планини има прекрасна визура од природа и чист воздух на претек. Кратово и Шлегово можете да го посетите и сами но ако сте група најдобро е да земете туристички водич, за да Ви акцентира и појасни некои детали. Добар водич за Кратово и околината е Стевче Донев од Општинскиот центар за карпеста уметност од Кратово -специјалист за овој крај.

No comments:

Post a Comment