
Локалитетот Вруќа Вода, во атарот на кратовското село Тополовиќ, оддалечено дваесетина километри од Кратово, од година во година станува се' попопуларна народна бања и еден од најчестопосетуваните места на подрачјето на општината Кратово. Лековитоста на топлиот извор со капацитет од 12 л. минерална вода во секунда, која блика од 360 м. длабоката дупка, веќе ги мина локалните граници. Лек за неиздржливите ревматски болки од овој извор сега бараат и лица од соседните градови и места. Најчести посетители и намерници овде се пензионирани лица од Кратово и од Пробиштип. Доаѓаат со комби или со такси-возила за 100 денари во двата патни правца, уживаат во природните благодати и бесплатната народна бања. И покрај бесплатниот престој и благодатот што го нуди изворот во Тополовиќ, љубителите на бањскиот туризам сепак се претпазливи кога и колку време им трае терминот за престој во базенот. Подолгото останување во водата не е препорачливо. Особено ако човек има проблеми со срцето. Топлата минерална вода може да излекува, но ако се претера, поголема е штетата од ползата
На површина од половина хектар на кој се простира локалитетот Вруќа Вода досега малку е инвестирано. Поради нерасчистените имотно-правни односи за докажување на сопственоста на местото на кое е направена дупка од која истекува водата, освен еден запуштен и два новоизградени бетонски базена, други придружни објекти нема.
No comments:
Post a Comment